Светски Шампиони
Интерконтинентален Куп 1996
На Олимписките игри во Атланта 1996 година, на конгресот на ФИЛА беше едногласно донесена одлука за одржување на Интерконтинентален светски куп на кој учествуваа шампионите на Европа, Америка, Африка и Азија.
Официјалното мерење беше на 8 ноември (петок), како и ждребувањето на екипите. На 9 ноември (сабота) во утринските часови почнаа елиминационите борби.
Во првото коло Бучим Јака настапи со екипата на Нихон од Јапонија, при што нашиот шампион победи со 8-2 или 30-6 на поени. За Бучим Јака победите ги изборија Соколов, Калајџиев, Спасов, Димов, Пенев, Ликов, Куртанидзе и Жилцов додека Танев и Костадинов беа поразени. Во вториот натпревар од првото коло Дејвид Шулц од САД го совлада Риверс од Нигерија со резултат 7-3 или на поени 26-14.
Во попладневните часови се одржа и свеченото отварање на кое присуствуваа и претседателот на Македонија, Г-динот Киро Глигоров и претседателот на Светската боречка Федерација ФИЛА, Г-динот Милан Ерцеган и Г-динот Цено Ценев претседател на Европската Борачка Федерација, како и целиот политички врв на Македонија.
По свеченото отварање се одржа и второто коло во кое Бучим Јака го совлада Риверс од Нигерија со резултат 9-1 или на поени 33-6. Победи постигнаа Соколов, Калајџиев, Танчев, Спасов, Костадинов, Миленов Пенев, Куртанидзе и жилцов, додека единствен што загуби беше Андреј Ликов од трократниот Олимпиец Виктор Кодеј. Од друга страна Дејвид Шулц во мечот со Нихон од Јапонија победи со 9-1 или на поени 33-6.
По одираните две кола екипите на Бучим Јака и Дејвид Шулц останаа непоразени и се пласираа во финалето, додека екипите на Риверс-Лагос од Нигерија и Нихон од Јапонија се бореа за 3-4 место.
Во мечот за првото место, екипата на Бучим Јака настапија: Влатко Соколов, Николчо Калајџиев, Тони Танчев, Васе Спасов, Горан Костадинов, Пламен Пенев, Мурат Агаев, Севин Миленов, Елдар Куртанидзе и Генадиј Жилцов.
Само што започнаа борбите а шестилјадната публика веќе беше на нозе. Борбата на Влатко Соколов до 48 кг. против Соломон започна фуриозно, за само 57 секунди освои дури 11 поени и со технички туш ги освои првите четири поени за својата екипа. Веднаш потоа следуваше нова победа, а творец беше рускиот интернационалец во редовите на Радовишани, Генадиј Жилцов, во категоријата 130 кг. Во тешка борба го совлада Стив Нил со 5-4 на поени. Гледачите едноставно не можеа да здивнат од возбудувањата и радоста што им нја подарија нивните миленици.
Следуваше победа на Николчо Калајџиев против Бурк Тајри во категоријата 52 кг. а веднаш потоа победа и на засилувањето од Грузија, Куртанидзе, кој ефектно, со туш го совлада Ден Троуп. Петта победа едноподруго ја извојува Тони Танчев против Дон Рејес. Успешната серија на Радовишани ја прекина Џони Кертис, носител на бронзен медал од ОИ во Барселона, кој на две секунди пред истекот на времето освои решавачки поен и го совлада засилувањето од Бугарија, Пламен Пенев. Втората победа за гостите ја извојува Брајан Долф против Горан Костадинов, но неизвесноста околу конечниот победник ја разреши вториот Бугарски интернационалец во редовите на Радовишани, Севин Миленов, во категоријата до 74 кг. кој по голема борба го совлада Шон Бормет. До крајот останаа уште две борби. Русинот Агаев, новото име во редовите на нашиот шампион, го совлада Рико Кијапарели на поени 11-8, додека Васе Спасов до 62 кг. беше инфериорен против Кери Колат и загуби на поени 8-1, но тоа ни малку не можеше да ја спречи големата радост во салата, која подоцна спонтано се прошири и надвор од неа, низ улиците на сега веќе светскиот Шампион град на борењето, кој можеше да се гордее со својот миленик. БК Бучим Јака беше новиот екипен Светскиот клубски шампион, оправдувајќи ја довербата на спортска Европа. Борачите заслужено го подигнаа светскиот шампионски пехар, борејќи се до последниот атом енергија, последната капка пот. Во Македонскиот град Радовиш со 17 000 жители беа победени големите светски метрополи : Неапол-Италија, Будимпешта-Унгарија, Анкара-Турција, Москва-Русија(еден натпревар), Лаос-Нигерија, Токијо-Јапонија, Вашингтон-САД и Атина-Грција. Со тие победи влеговме во Европското и во Светското семејство.